Технички преглед на возила

 

Техничките прегледи се вршат со цел да се провери техничката исправност на возилата што учествуваат во сообраќајот на патиштата.

  • Техничкиот преглед е постапка со која што правното лице за технички преглед ги утврдува податоците во врска со возилото, неговите системи, составни делови, самостојни технички единици и опрема, како и исполнувањето на други барања за нив определени со Законот за возила, прописите донесени врз основа на тој Закон како и упатствата на производителот на уредите и опремата што се употребуваат при техничките прегледи.
  • При вршењето технички преглед се утврдува дали возилото ги има и се во исправна состојба пропишаните уреди, а особено уредите за управување, уредите за сопирање, пневматиците и уредите за давање светлосни сигнали, за осветлување на патот и на возилото и за изпуштање на согорените гасови, како и дали ги исполнува и другите пропишани услови за учествување во сообраќајот.

Во Законот за возила се предвидени два вида на технички прегледи на возилата:


1. редовен технички преглед

  • редовен периодичен технички преглед

2. вонреден технички преглед.


1. Редовен технички преглед

Возила што се вклучени во сообраќајот на патиштата, со исклучок на мотокултиватори и работни машини, задолжително се прегледуваат на првиот и на периодичните технички прегледи.


Опис на постапка

  1. Техничкиот преглед на возилото го вршат двајца контролори едновремено, од кои едниот е во возилото и управува со истото, а другиот ја спроведува постапката на техничко испитување на возилото .
  2. Сопственикот, односно носителот на правото на користење на возилото доколку сака може да го следи техничкиот преглед што се врши над возилото.
  3. Техничкиот преглед ќе се изврши само ако возилото е чисто, обоено и нема видни оштетувања на каросеријата.
  4. Вообичаено техничкиот преглед се врши на празно возило оптоварено само со контролорот што го управува, односно возачот и контролорот и задолжителната опрема, со исклучок на техничкиот преглед на исклучено возило од сообраќај поради техничка неисправност кој може да се врши и на натоварено возило (вонреден технички преглед).
  5. Доколку на техничкиот преглед е утврдено дека возилото е технички исправно, се издава писмен документ во кој се назначува рокот кога на возилото треба да се направи наредниот технички преглед.
  • периодични технички прегледи се извршуваат на секои шест месеца за:
  • возила за јавен превоз на патници,
  • автобуси,
  • возила што се употребуваат за оспособување на кандидати за возачи,
  • возила што се употребуваат за превоз на група деца,
  • возила што се опремени како возила со право на првенство на минување, односно возила за придружба, освен возила кои се користат од противпожарните служби за гасење на пожар, што по облик и намена се возила за гасење на пожар,
  • возила за изнајмување (рент-а-кар) и
  • возила за превоз на опасни материи.


2. Вонреден технички преглед

 

Вонредните технички прегледи се вршат над возила упатени со писмен налог од овластено службено лице, во случаи и на начин утврдени со закон, заради изведување на нивна проверка. Извршениот вонреден технички преглед не влијае на рокот за извршување на периодичните технички прегледи.

Постапката за вршење на технички преглед се одвива во следниве фази утврдени со Правилникот за вршење на технички преглед на моторни и приклучни возила, трактори и земјоделски трактори:

  • Идентификација на возилото;
  • Проверка на масените вредности и димензиите на возилото;
  • Уред за одвод и испуштање на согорените гасови;
  • Преглед на уредот за сопирање;
  • Преглед на уредите што овозможуваат нормална видливост;
  • Преглед на влечниот уред за спојување на влечно и приклучно возило;
  • Преглед на возната постројка и каросеријата односно самоносечката конструкција
  • Преглед на оските, тркалата и пневматиците;
  • Преглед на уредот за управување;
  • Преглед на моторот и погонските уреди;
  • Преглед на светлосните и светлосно - сигналните уреди;
  • Преглед на контролните и сигналните уреди;
  • Преглед на уредот за давање на звучни сигнали;
  • Останати уреди и опрема